Кочо Рацин

Улогата на феминизмот во општеството
и првите почетоци на феминистичкото движење


Напишано: реферат одржан на 8 март 1935 година во Велес
Прв пат објавено: Првпат емитувано на Третата програма на Радио Скопје во рамките на емисијата „Документи“ на 7 и на 14 јули 1985 година. Објавен е во списанието на Трета програма, јули—септември 1985, стр. 257—267.
Извор: Кочо Солев Рацин „Проза и публицистика”, „Наша книга”, Скопје, 1987, 92-101 стр.
Техничка обработка: Златко Димитриоски, Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2025


Во излагањето што следува, ќе ги изнесам најзначајните манифестации на жените за своите права, кои ги сметам за почеток на феминистичкото движење. Тие манифестации и денес се основа на нашето движење, иако, можеби, со аргументацијата не ни се сосема блиску. Деталниот приказ на развитокот на феминистичкото движење, колку и да е интересен, би барал циклус на предавања, бидејќи неговиот развиток во секоја земја е поинаков. Таквиот приказ би претставувал излагање на многубројните варијанти на истите барања. Мислам дека и запознавањето на сите тие варијанти не е ниту толку важно за разбирање на феминистичкото движење. Главно се важни две: прво, во какви услови се манифестирале првите чекори на жената за ослободување, бидејќи тие, барем за извесно време ги одредуваат правецот и второ, барањата на феминистичкото движење што се појавуваат во текот на самата борба, бидејќи тие покажуваат каква улога жената сама си одредила во семејството, општеството и државата.

Проблемот на жената како човек, мајка, сопруга, работничка, се нејзини барања и остварувањето на тие барања, тоа е суштината на феминистичкото движење. Овој проблем не произлезе одеднаш на овој обем, туку со текот на времето се продлабочува и шири. Во првите декларации на феминистичкото движење, кое тоа ги смета за први основи на својата борба, жените најчесто го истакнуваат своето право на човек и граѓанин. Во тоа тие се воодушевени следбенички на учењето за природното право и рационализмот, верувајќи дека новите, чисти разумни размислувања ќе донесат заклучоци и решенија кои треба да се остварат, потоа да се разрешат сите проблеми што го притискаат тогашното општество. Природното право како што го толкувал неговиот идеолог Гроцијус, се темели на разумот и на социјалната природа на човекот, и тоа право што го има секој човек веќе со своето раѓање; а тоа право за да се обезбеди секому, треба да произлезе од највисоките начела. Тоа начело Гроцијус го нашол во начелото на праведноста.

Покрај учењето за природното право на духот на деветнаесеттиот век, кога и прв пат се појавува во Декларацијата за правата на жената, Русо имал мошне големо влијание. Русо тврди дека во природата не постои нееднаквост, туку дека човекот ја создал нееднаквоста, и тоа оној човек „кој прв го омеѓил парчето земја и на кого потоа му падна напамет да рече тоа е мое“. На тој начин е создадена приватната сопственост; потоа доаѓа општеството кое ја воспостави нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните, и на крајот државата која ја создаде нееднаквоста меѓу оние кои владеат и потчинетите. И затоа Русо заклучуваше дека човештвото може да се врати кон природната еднаквост, бидејќи нееднаквоста е создадена на вештачки начин, а може да се врати само преку револуција, која мора да биде и политичка и социјална. По Русо, кој умира 11 години пред Француската револуција, дојдоа други, на пример Мобли [Мабли], кои ги проширија неговите заклучоци и на економскиот живот. Сите овие теории за природното право, за еднаквоста кон која треба да се врати човештвото, ги создадоа идејните темели на Француската револуција, а реалноста на тогашното време беше таква што мораше да го убеди народот дека само преку остварување на начелата што ги проповедувале најпросветените умови на осумнаесеттиот и деветнаесеттиот век навистина е можно да се измени неподносливата состојба. Самата Француска револуција не ги оствари тие начела, но го отвори патот кон нивната реализација. Сите тие теории ги прифатија и жените и им дале свој израз во првите декларации. Декларациите како апстрактен поим за правото, праведноста и еднаквоста, имале во тоа револуционерно време силно влијание на жените, но не биле во состојба да создадат едно силно движење. Наспроти тоа, феминистичкото движење ги смета за еден од првите чекори за ослободување на жената и барањата што се искажани во нив, сѐ уште се живи во феминистичката програма.

Во времето меѓу почетокот на Француската револуција во 1789 година, кога се појавува „Декларацијата за човечките и граѓанските права“ и првиот устав на републиканскиот режим од 1793 година, во револуционерниот метеж се појавува Олим[пија] де Гуж; и брзо се истакнала со својата интелигенција и храброст. Нејзиното дело „Декларација за правата на жената и граѓанката“, кое ја става во редот на првите феминистки, го напишала во 1791 година. Таа во „Декларацијата“, во 18 членови, главно, ја дава следнава програма:

„Целта на секое законодавно тело е да ја заштитува неповредливоста на правата на обата пола и тоа: слободата, напредокот, безбедноста и отпорот против угнетувањето“.

Законите мораат да бидат израз на волјата на народот; сите граѓани и граѓанки мораат лично или преку свои претставници да соработуваат во донесувањето на законот. Законите мораат да бидат еднакви за сите. Сите граѓани и граѓанки мораат да имаат право на сите почести, на сите места во сите јавни служби и тоа спрема своите способности. Ниту една друга причина не смее да одлучува. „Жената има право да се искачи на гилотиња, со тоа има и право да се искачи на говорничката трибина“. Правата на жената мораат да му служат на добро на целиот свет, а никако само на еден народ“. „Жената придонесува за создавањето на богатства на државата, исто толку колку што придонесува и мажот, затоа мора да има исти права да управува со тоа богатство“. „Уставот не важи ако не го изработил секој поединец од кој се состои народот“. Олимп де Гуж ја завршува Декларацијата со зборовите: „Жени, пробудете се! Факелот на вистината ги растера облаците на неразумот и тиранијата. Кога ќе ви се отворат очите? Обединете се против обединетата снага на суровата сила, оставете ја снагата за разумот и праведноста“. Декларацијата за правата на жената предизвикала мноштво одговори за и против. Како последица на Декларацијата еден женски весник се преобрази во првото феминистичко списание „Л’опсерватер феминен“. До Конвентот пристигнувале петиции со кои се барало, на пример: ги нарушивте привилегиите на жените, ги нарушивте и привилегиите на мажот. Народот го доби своето право, се ослободуваат црнците, зашто да не се ослободат и жените?

Олимп де Гуж го исползувала воодушевувањето меѓу жените кое го предизвика Декларацијата. Таа го оформила првиот женски политички клуб преку кој со својата подготвена агитација ги собираше жените. Меѓутоа, нејзината дејност не траеше долго. И таа убедена републиканка, доволно свесна што значеше за народот сломот на апсолутизмот, не можеше да се согласи со начинот на зацврстување на републиканскиот режим. Нејзиното чувство на одговорност за судбината на републиката, нејзината искреност и цврстина на карактерот, ја натера јавно да протестира против крвопролевањето кое се чинеше во името на слободата. „Дури и крвта на оние кои се криви и кои се свирепо убиени, ја срамоти револуцијата“ — така јавно обвинуваше таа. Таа, која на самиот почеток на револуцијата бараше од Конвентот дека мора да го отстрани кралот, нејзе почнаа да ја сомничат; во еден од јакобинските клубови подигната е против неа клевета, дека стои на чело на ројалистички заговор.

Ројалистичкиот заговор беше измислен, бидејќи многу луѓе на новиот режим се плашеа од нејзиното огромно влијание кај жените. Нејзиниот стремеж да не се валка револуцијата од непотребните измачувања на често невино осудените луѓе, да не се валка со крвта кога тоа може да се одбегне, беше толку силен, што таа не обрнуваше внимание на заканувачката опасност. Кога беше кралот осуден на смрт, таа во тој чин не виде некоја праведна освета, туку во тоа ја гледаше опасноста за иднината. Кога кралот беше веќе мртов, таа пак се јави и точно му претскажа на Робеспјер: „И твојот престол наскоро ќе биде продаден“. Женските политички клубови кои сѐ повеќе и повеќе почнаа да застануваат на страната на Олимп де Гуж и се закануваа, јавно ја осудуваат крвавата освета на новиот режим. Во летото 1793 година Олимп де Гуж била уапсена. На трети ноември истата година над неа беше извршена смртна пресуда, потврдувајќи дека жените навистина имаат право да се искачат на говорничката трибина.

Олимп де Гуж, жена од народот, извонредно убава, по своето доаѓање во Париз, по кусиот и несреќен брак во своето родно место Монтбон, каде се родила на 7 мај 1748 година, не живеела по тогашните крути морални норми (прописи), кои, јавно го осудуваа она што го дозволуваа трајно. Олимп де Гуж го сакаше веселиот живот, но тој во потполност се измени кога нејзиниот живот ги доби насоките што одговараа на нејзините способности и кога ја одбра суштината. За време на револуцијата, дури не можеше да се изрази нејзиното вистинско битие и се изразило толку силно така што го платила со глава. Феминистичкото движење може секогаш да се гордее со неа, која ниту за време на најстрашниот терор не ги загуби своите човекови искуства, која не можеше да допушти подобрувањето на положбата да се плаќа со свирепост. Историјата, воопшто, малку познава такви светли примери, убедувањето да стои над сѐ — Олимп де Гуж е таков пример.

Како женските клубови стануваа сѐ посилни, и како жените постојано бараа револуцијата да биде праведна и кон нив, тие cѐ почесто се доведуваа во опасност, како што се доведе во опасност и Олимп де Гуж. Ова особено важи за уште една таква истакната жена на тоа време Роза Лакомб, една од оние која ги предводеше жените на Версај. Жените беа гневни за смртта на Олимп де Гуж и гневни затоа како се постапува по затворите. Затоа Роза Лакомб во името на женските клубови бараше секој затвореник да биде сослушан во текот на 24 часа. Ако е невин, веднаш треба да биде пуштен, а во спротивно, веднаш да му се суди. Поради тоа што жените под нејзино раководство се дигнаа против апсолутистичкото постапување на Робеспјер и таа беше обвинета дека е опасна по револуцијата и републиката. Лакомб не беше осудена, но беа осудени сите жени, бидејќи по истрагата во врска со Лакомб, Конвентот донесе одлука дека мора да се распуштат сите женски политички клубови. На седницата на Конвентот, на која беше усвоен овој заклучок, зборувал Амар, кој на жените напросто им ја одрекуваше моралната и физичката сила што се бара од секој полноправен граѓанин. Се повикувал и на природата на жените и настојувал еднаш за секогаш да им го одреди полето на дејствување. Жените не го примија мирно овој заклучок, туку одржаа протестни митинзи, кои поминаа многу бурно. Специјална делегација на жени отиде во Париската комуна да протестира, меѓутоа господата не сакаа да ги чујат. Жените не престанаа со протестите и отидоа на седницата на Конвентот, оделе на јавните собири на мажите и насекаде барале Конвентот да ја повлече забраната за нивното здружување. Меѓутоа, сите напори останале безуспешни, и на крајот на краиштата Конвентот издал закон со кој, ако повеќе од пет жени се соберат на едно место, тие да бидат казнети со затвор.

Така помина првиот бран на жените на тврдината на традициите, предрасудите и обесправеноста. Оваа борба во тоа време не им донесе успеси, бидејќи немаа сојузници, таму каде што најмногу ги очекуваа, кај водачите на самата револуција. Тогашното движење на жените сигурно би станало силно, како по бројот, така и по својата суштина, да имаше повеќе време за развој. Клубовите на жените во Париз веќе тогаш броеја по 6 илјади членки, но колку ќе нараснеа, ако на жените им се овозможеше да ја прошират својата агитација и надвор од Париз? На тој начин тие ќе сознаеја дека кон Декларацијата треба да се додадат уште некои барања. Но, револуцијата за која жените толку многу дадоа, ним не им даде ништо и им го пресече движењето. Но со тоа, природно, движењето не беше сопрено.

Автор на втората Декларација за правата на жените е англичанката Мери Волстонкрефт. Таа Декларација е од 1792 година. Волстонкрефт умрела многу помлада отколку Олимп де Гуж, на возраст од З8 години. Две години пред „Декларацијата на нејзините права“, таа ја напишала „Декларацијата на човековите права“. Разликата меѓу Декларацијата што ја напишала Олимп де Гуж и Декларацијата на Волстонкрефт, е значителна. Англичанката полага големо внимание на систематското воспитување на жените, бидејќи по нејзиното убедување, само добрите воспитни методи можат да ја преобразат жената од површно во разумно битие, кое по сѐ ќе биде вистински втор маж. Французинката во својата Декларација не истражува какви се жените, дали се површни или не, нејзе ѝ е доволно што жената е човек и со тоа се здобива со сите права. Англичанката, меѓутоа, бара да се измени целото битие на жената, а потоа може да стане рамноправна со мажот. Французинката априори верува во еднаквата вредност на мажот и жената, а англичанката верува дека жената може да ја постигне, дури преку новото воспитување. Таа зборува за проституцијата и бара патишта за нејзиното спречување. Волстонкрефт и Олимп де Гуж имаат една заедничка црта: вербата во рационализмот, вербата дека светот може да стане подобар само врз основа на она што разумот го сознава за точно и правилно.

Во Декларацијата на Волстонкрефт има полно јасни и добри мисли, но во целина е несистематски изработена, од што се гледа дека Декларацијата ја напишала од внатрешната нужна потреба, не размислувајќи многу за начинот на нејзината изработка. Волстонкрефт главно го вели следново:

„На политичкото поле критиката на разумот го отфрли ореолот на божанството со кое се поддржуваа кралевите. А критиката на разумот исто така ќе ги сузбие божанските права на мажите во бракот и ќе покаже дека не постои никаква должност на жената да биде потчинета во бракот. Ако жената до сега не е достојна морална и интелектуална висина, тоа секако не е природно како што тврди Русо, туку е последица на нејзиното воспитување и на нејзината социјална положба. Затоа треба воспитувањето на жената и машката младина да биде заедничко во јавните училишта, и тоа, пред сѐ, е воспитување на идните граѓани. Русо не е во право кога бара воспитување на девојките само од аспектот на нивниот иден позив како мајки. Моралот меѓу жените опаѓа, затоа што се придава поголема важност на нормата, отколку на личноста. Жената за своите нови должности покрај новото воспитување мора да добие и поинаква социјална положба. Од која и да било страна да го разгледуваме проблемот на жената мора да се дојде до заклучокот дека таа дури потполно ќе ги извршува своите должности кога ќе биде ослободена од сите препреки и кога ќе ги има сите човечки права, на кои има право секој од своето раѓање. Жената мора да влезе во законодавните тела и мораат да ѝ бидат достапни сите занимања, а пред сѐ професијата лекар. Исто така, е потребно жената да започне да се занимава и со различни занаети, да се ослободи од ‘подлата и легална проституција’“.

Волстонкрефт прашањето на проституцијата го разгледува во врска со економската зависност на жената, сосем отворено и со безобѕирна искреност. Таа смета дека проституцијата е последица на недозволената вработеност на жените и што се навикнати да ги издржува мажот. Таа бара еднаков морал и за двата пола, бидејќи само еднаквиот морал воопшто е гаранција да имаме морал. Жената мора по пат на воспитување да се оспособи да стане втор маж, инаку таа ќе го кочи напредувањето на знаењето и моралот. Вистината мора да им стане заедничка на сите, во спротивно, таа е без влијание на општиот живот.

Каков беше успехот на оваа Декларација? Јавноста пред ова дело застана сосема без ориентација и разбирање, и скандализирана од дрскоста на новите идеи. Дека Декларацијата е неморална, тоа беше и најнаивната оценка. Никој не ја разбира, никој не ce најде да ги зачува нејзините идеи, бидејќи сѐ уште не беше дошло времето на Декларацијата да ѝ се даде идеологијата во врска со секојдневниот живот.

Мери Волстонкрефт беше учителка и се движеше во друштвото на тогашните англиски рационалисти, а кои беа под влијание на Русо и Француската револуција. Сосема е природно дека Волстонкрефт ја пренела теоријата што била застапувана во тој круг и кај жените и сакала со помош на таа теорија да ја воспита жената во слободен граѓанин и другар на мажот. Мери Волстонкрефт беше жена на политичкиот теоретичар Голдвин [Годвин], кој во својата книга „За правниот и политичкиот живот“ ја развил анархистичката програма. Бракот траеше многу кратко. Мери Волстонкрефт умрела на 15 септември 1799 година на своето прво породување.

Последните децении на осумнаесеттиот век не беа значајни само по тоа што ги разниша политичките стремежи на сите држави, туку и по тоа што сосема тивко се извршила значајна револуција и во економскиот живот со воведувањето на машините во производството. Идеолозите на седумнаесеттиот и осумнаесеттиот век не можеа да постигнат со своите политички и социјални теории таков пресврт, како што него го постигна машината во севкупниот живот на сите народи. Идеите, дури преку реалниот живот стануваат вистина која може да создаде нов поредок.

Најпрвин дојде до пресвртница во Англија. Таа пресвртница не се заврши лесно. И сигурно ви е познато од англискиот економски развој на тоа време, во кое работниците се собрани во таканаречената група „лудисти“, кога ги кршеа машините како свои најголеми непријатели и угнетувачи. Од тоа време меѓу работниците остана многу силен духот на отпорот, кој постепено се пренесе и во политичката борба за која добро го подготви работништвото Томас Пен.

Во тие први политички борби на работништвото веќе се јавува и жената и тоа организирани жени. Таа прва женска организација ги прифатила идеите од Декларацијата на Мери Волстонкрефт, што се гледаше и од нејзиното име. Организацијата се викаше „Друштво за реформа на животот на жената“. Во поглед на работата на оваа организација мошне е значаен датумот 5 јули 1819 година. Тој ден, во Блекбен се собрале околу 40 илјади работници и жени и претставничката на „Друштвото за реформа на животот на жената“ зборувала на овој огромен собир. Таа барала работниците заедно со жените да поведат енергична борба за општо право на глас, бидејќи тоа единство дава сигурен излез од бедата во која запаѓа работништвото.

Во таа иста година низ цела Англија започнала многу силна агитација за промена на изборниот закон во полза на работниците, малите сопственици и жените. Работниците го водат Хунт и Кобат, од кој Хунт беше познат како одличен говорник. Кога младиот фармер го запознал бедниот живот на работниците од својот дистрикт, тоа го натерало да ѝ се посвети на борбата за промена на изборниот закон. Тој барал општо тајно право на глас за мажите и жените. На неговите собири во голем број жените биле присутни и заедно со мажите гласале за и против револуцијата. Ниту еден од другите политичари не се грижел за жените. Во 1830 година владата му предложила на парламентот нацрт за промена на изборниот закон и повторно ги исклучила работниците од правото на глас. Тогаш Хунт ги повика англиските жени во борба за општо право на глас и од таа година па натаму англичанките водеа истрајна борба за добивање на политички права. Хунт исто така му ја предаде на парламентот петицијата на жените, со која тие бараат право на глас и тоа беше прва петиција упатена до законодавно тело за женско право на глас.

Англичанките, можеби од сите жени на светот водеа најстрашна и најсистематска борба за женско право на глас, а поминаа сто години додека го остварија барањето за добивање на политички права, кое како барање во 1819 година го постави на големиот работнички собир во Блекбен претставничката на првите организирани жени. Англичанките беа и први кои политички се организираат; покрај двете стари англиски политички партии — конзервативната и либералната, жените, паралелно формирале организации со истите политички начела, кои ги застапуваа мажи во двете партии. Самостојната работничка партија во Англија беше формирана дури во 1900 година. Во неа се собрале голем број жени, кои од 1906 година па натаму со другите жени водеа енергична борба за политички права. Тогаш во Англија не важеше за сите мажи ниту општото ниту еднакво право на глас, бидејќи уште беше врзано со плаќањето на одредена висина на данокот. Заедно со тие обесправени мажи жените водеа огорчена борба. Групата на жени под името сифражеткињи, не се плашеше ниту од терористички средства. Најпознатата од сите жени е Панкурстова, која поради својата борбеност, често била и затворана.

Кон крајот на осумнаесеттиот век само во Франција и Англија проговорија жените за своите права и со тоа дадоа потстрек на доцнежните големи женски движења. Во Германија, меѓутоа, овој прв удар од страна на жените доаѓа многу послабо и многу подоцна, дури во 1848 година. Тоа беше година кога се чинеше дека Европа ќе се разбранува од новиот и свет дух на слободата. Надежта беше краткотрајна, а реакцијата на тие подвизи, долготрајна. Во таа година, особено во Австрија и Германија доаѓа до обединување на сите кои живееја во политичка, социјална и економска неправда, пред сѐ селаните, работниците, кои навистина истапија со своите барања. Тогаш во германската јавност прв пат се појави една млада жена, книжевник, која во отворено писмо ја изложи положбата на жената-работничка. Писмото беше упатено до министерот за економија Оберлендер, кој во таа година формирал и комисија за испитување на условите под кои живеат и работат фабричките работнички во Саксонија. Овој момент го исползувала младата жена Луиза Ото и преку новоформираниот работнички весник „Лајпцишки работнички весник“ во бројот од 20 мај 1848 година го објавила писмото до министерот заедно оо работниците кои биле повикани во Комисијата. Таа не напаѓа, не бара воведување на рамноправност, како единствено достоен однос меѓу мажот и жената, туку само скромно, „како слаба жена“, како самата се нарекува во писмото, упатува на проблемот Комисијата да поведе сметка и за жените работнички. Главно го вели ова: Ви се обраќам за да ја исполнам мојата должност и да проговорам во името на оние кои немаат храброст сами да се јават. Историјата на сите времиња нѐ учи, дека тие беа заборавени. Не е доволно да се занимаваме само со прашањето за ориентација на работата само на мажите, туку е потребно да се задлабочите и на проблемот — работата на жените. Поради конкуренцијата, работата на жените е многу помалку наградена, отколку работата на мажите, и на жените не им е дозволено да се занимаваат со секакви професии. Заради тоа, судбината на жената е многу полоша од судбината на мажот. Можеби Вие ќе речете, во иднина заработувачката на мажот ќе биде поголема и тој ќе биде во состојба подобро да се грижи за својата жена и деца. Се плашам дека судбината на работниците не ќе може така брзо да се поправи дека во догледно време ќе настапи подобрување и на семејниот живот. А ако би дошло и до подобрување, cѐ уште останува голем број жени-вдовици, сирачиња, млади девојки — кои мораат да се грижат сами за својот живот. Ако ги извлечете жените од работата, тоа значи дека половината на човештвото го прогласувате за деца и малолетници, кои мораат засекогаш да останат зависни од другата половина.

Потоа, во писмото им се обраќа и на работниците и ги моли за помош: „Дали тие жени не се ваши сопруги, мајки, сестри и ќерки, чии интереои морате да ги браните, како што ги браните сопствените? Наместо тоа, доживеавме во Берлин да се бара сите фабрички работнички да бидат отпуштени од работа. Тоа е злоупотреба на правото на силните“.

Ако го споредиме ова писмо на Луиза Ото со огнените декларации за кои зборувавме понапред, гледаме огромна разлика — ова е како мирен и тивок поток покрај еден бучен водопад кој на сите страни прска милион капки. Од Декларацијата на Олимп де Гуж и Волстонкрефт зборуваат потполно осознаени жени, свесни за своето човечко достоинство и за своите вредности во општеството и државата. Во писмото на Луиза Ото се чувствува еден благ прекор кон мажите кои можеби по грешка ја заборавиле жената и кога ќе се потсетат на грешката тие ќе бидат доволно пресретливи за да ја корегираат. Меѓутоа, и низ благо писмо допира првото сѐ уште неодредено сознание, дека светот е неправеден кон жената. Зошто е неправеден, дали затоа што до сега со целокупниот имот управувал само мажот и случајно заборавил дека постојат и жените, или намерно предвидел за да ја одбегне поделбата на власта со неа? И со право Луиза Ото е тешко разочарана со резултатот од своето писмо. Резултатот беше, што од срам го предаде писмото на огнот. Затоа таа веќе во идната година почнува со издавањето на еден весник за жената, за на тој начин да ги разбуди жените и да ги подготви за борба без туѓа помош. Тоа беше првиот женски весник во Германија во кој се јавуваа жени од сите слоеви и домаќинки и интелектуалки и работнички и жени кои тукушто насетиле дека ги чека тешка борба за самостоен живот.

Во текот на својата работа Луиза Ото стана многу борбена и повеќе не молчеше за права. Самиот живот ѝ беше најдобар учител. Поради тоа пропати многу, а нејзиниот маж поради политичката слободоумност беше осуден на седум години робија.

Од овој скромен почеток на движењето на една личност во Германија почна да се развива женското движење кое стана силен фактор. Можеби беше и премногу доктринарно и затоа често доаѓаше до судир со социјалистите. Такви судири, на пример, не постоеја ниту во Австрија ниту во Англија, нит пак во другите земји, каде што навистина ова движење срасна со животот. Германските феминистки се стремеа кон тоа, најпрвин да ги постават тезите па според нив да се одвива дејствувањето и животот. Природно е дека мораше да доаѓа до судири, бидејќи и животот не чека на тези туку бара акција. Таквите судири беа и причината за тврдењето дека во феминистичкото движење постојат две тенденции: буржоаска и социјалистичка. Ова тврдење важеше за Германија, но не и за другите земји, и кој го познава феминистичкото движење во целина, никогаш не може да ја генерализира положбата во една земја и да ја прогласи за општа ситуација.

Сакав да нагласам на кој начин во најмодерните земји на Европа дојде до пресврт во животот на жената. Во Франција жената ја разбуди политичката револуција, во Англија доктрините на Мери Волстонкрефт имаа брза помош во развитокот на економскиот живот кој ги натера работниците да бараат политичка рамноправност, а на кое барање им се приклучија и жените. Во Германија една сосема незначителна причина, формирањето на Комисијата за испитување на условите во кои живеат и работат фабричките работници, ја создале потребата од феминистичкото движење. Борбата на француските жени трае веќе 150 години и уште не успеаја да ги добијат правата кои ги постави Олимп де Гуж. Германките ги имаа, но повторно ги изгубија. Споредено со борбата за политички права, феминистките насекаде ја водеа и борбата за изедначување во правото на школување и во поглед на граѓанското законодавство, како и други барања. Во многу земји овие две последни барања понекогаш посилно се поставувани, како што се искажува и стремежот за политичка рамноправност. Тоа беа повеќе прашања на тактика, бидејќи политичките и економските услови што го одредуваат општествениот статус се толку различни, па оттука и борбата на движењето никаде не е еднаква.

Во земјите каде економските и политичките прилики беа посредени, социјалната положба на жената се подобри скоро без борба. Тоа е особено случај во нордиските земји во кои жените денес се потполно рамноправни и кои никогаш не воделе така огорчена борба како што на пример ја воделе Англичанките и Французинките. Предноста на таа борба за феминистичкото движење е очигледна бидејќи постои можност проектот да се продлабочи и полесно да се прилагоди. Таму каде е нужно да се избори секој чекор само преку долготрајна борба, таму често доаѓа и до малаксување, а таму каде јавното мислење е склоно априори да го потцени секој напор на жената за подобрување на нејзиниот статус, таму борбата е стопати потешка.

Во времето кога нордиските жени стапија во организирана борба тие веќе имаа одредена рамноправност, за која феминистките во другите земји мораа допрвин да се изборат. Ќе наведам само неколку примери: Швеѓанките, на пример, се потполно изедначени во правото веќе од 1845 година, ќерките и синовите подеднакво наследуваат, а и сопружниците имаат подеднакви права на заедничкиот имот. Правото кое Швеѓанките го имаат веќе сто години и за кое не се грижеа ниту најмалку, бидејќи пресретливоста на законодавството беше толку голема што ги отфрла сите наметнати разлики меѓу мажот и жената, ние уште до ден-денес, т.е. до 1935 година го немаме ниту во еден дел од нашата земја. Кога Југословенскиот женски сојуз пред десет години поведе акција за изедначување на жените во наследното право и собираше потписи од жените за петиција до владата, имаше безброј случаи кога жената на село не смееше од страв пред мажот да ја потпише петицијата. Да не им е сосема јасно, што значи да се води борбата во средина во која рамноправноста меѓу мажот и жената, барем по најважниот закон, е веќе традиција.

Швеѓанките веќе во 1862 година добија ограничено право на глас за комуналните совети (веќе), во кои можеа слободно да ги изнесуваат сите свои желби. Тоа право беше ограничено со висок данок. Но тие комунални совети имаа право да бираат пратеници за таканареченото Ло Лантиг (државно собрание). И тоа право го добиле без борба, без барање. Навистина, сите жени го немаа тоа право на глас, но тоа како причина за водење на борбата има помала важност отколку воопшто да не постоеше право на глас ниту за една жена. Така барањето за општо и еднакво право на глас не наидуваше на никаков отпор бидејќи веќе делумно беше остварено.

Во Норвешка веќе во 1892 година постои закон по кој вонбрачниот татко мора да ги плаќа трошоците околу издржувањето и воспитувањето на своето дете и тоа спрема условите во кои живеат: и таткото и мајката; или потполно или делумно. Исто така, вонбрачниот татко е должен да ги плаќа трошоците и околу породувањето и да ја издржува мајката првиот месец по породувањето. Како е кај нас по ова прашање? По српскиот граѓански закон забрането е истражувањето на патернитетот — детето останува за цел живот без татко и целата грижа е префрлена врз мајката.

Денес [Данска?], пак, им дозволила универзитетското школување на жените веќе во 1871 година, а од 1881 година потполно ја изедначила наставата во средните училишта за машките и женските деца.

Според овие примери гледаме дека единствено борбата не може да ги донесе сите успеси. Потребно е и тоа многу потребно, духот на јавното мислење да биде восприемчив за секој напредок. Без тоа борбата е тешка и мачна, треба да укажеме уште и на ...